logo
logo
logo

Почина Јован Донев – МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ИСТАКНАТ ПРОФЕСОР, ДИПЛОМАТ И АНАЛИТИЧАР

Vecer | 02.09.2026

Почина Јован Донев – МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ИСТАКНАТ ПРОФЕСОР, ДИПЛОМАТ И АНАЛИТИЧАР

Во Скопје на 71-годишна возраст почина универзитетскиот професор и амбасадор Јован Донев, оставајќи зад себе богата академска, научна и дипломатска кариера. Донев беше научен советник и професор, директор на „Евро-Балкан“, а во дипломатската служба ја претставуваше Македонија како амбасадор во Обединетото Кралство, Ирска и Исланд, како и член на Советот за безбедност.

Со децении тој посветено ја истражуваше македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси на Балканот, а неговиот професионален ангажман остави значаен белег во македонската наука, дипломатија и јавната анализа.

Тој дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Во 1986 година магистрирал, а во 1993 година докторирал, при што значаен дел од неговиот научен интерес бил насочен кон меѓународните политички аспекти на македонското прашање.

Научната кариера ја започнал и ја градел во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигнал звање научен советник и редовен професор.

Покрај научноистражувачката работа, Донев предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во периодот од 1999 до 2012 година бил извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“.

Претходно бил и директор на Охридскиот летен универзитет, а во текот на 1990-тите години бил претседател и на Управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија, под покровителство на филантропот Џорџ Сорос.

Особено значаен дел од неговата професионална биографија е дипломатската кариера.

Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017 година.

Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд.

Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Јован Донев беше автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика.

Во неговиот научен опус се издвојуваат трудови посветени на Македонија во меѓународните договори, односите на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.

Во последните години беше активен и како колумнист и политички аналитичар, каде што ги коментираше домашните и меѓународните политички случувања, со особен фокус на Македонија и нејзината позиција во меѓународните односи.

Со неговата смрт, македонската јавност се простува од професор, научник, дипломат и аналитичар кој повеќе децении беше присутен во академскиот, дипломатскиот и јавниот живот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk