Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска учествуваше на отворањето на MicroBalkans 26, настан кој ги обединува претставниците на финансискиот сектор, fintech компаниите, стартапите, регулаторите и развојните партнери од регионот.
Андоновски посочи дека темата „Lending Reimagined“ е особено значајна, бидејќи пристапот до финансии денес не е само прашање на капитал и кредитни производи, туку и на доверба, податоци, технологија, јасни правила и ефикасни системи.
Тој истакна дека Министерството за дигитална трансформација веќе работи на повеќе процеси насочени кон унапредување на дигиталната инфраструктура.
Меѓу нив е Националниот портал uslugi.gov.mk, кој во моментов нуди околу 350 електронски услуги за граѓаните и компаниите.
Како што наведе Андоновски, е зајакната и интероперабилноста меѓу институциите – од 48 институции во 2024 година на 90 денес, додека месечниот број трансакции пораснал од околу 708.000 на речиси 4 милиони.
Министерот најави и отворање на интероперабилноста кон приватниот сектор, што, според него, треба да овозможи побрзи проверки, намалување на административниот товар и поефикасни услуги.
Во октомври, пак, треба да биде промовирана m.Uslugi, мобилна супер-апликација која треба да стане дигитален канал меѓу граѓаните и државата.
Андоновски ги посочи и дигиталниот идентитет, електронските документи, доверливите услуги и зајакнувањето на сајбер-безбедноста како дел од процесите на дигитална трансформација.
„Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно“, порача Андоновски, додавајќи дека финансиската инклузија, дигиталната инфраструктура и довербата се основа за побрз, посигурен и покорисен финансиски систем за граѓаните, компаниите и економијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата