logo
logo
logo

Младите уметници од „Илија Николовски-Луј“ добиваат заслужен простор на МРТ

Vecer | 29.05.2026

Младите уметници од „Илија Николовски-Луј“ добиваат заслужен простор на МРТ

Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ и Македонската радио-телевизија (МРТ) потпишаа меморандум за соработка со важност од три години, со можност партнерството да биде продолжено и во следниот тригодишен период.

Од училиштето соопштија дека станува збор за значаен чекор во афирмацијата на музичкото и балетското образование, како и признание за квалитетот и уметничката вредност што оваа институција со децении ја создава на македонската културна сцена.

„Ова не е само административен договор — ова е големо признание за квалитетот, посветеноста и уметничката вредност што нашето училиште со децении ја создава и ја подарува на македонската културна сцена“, велат од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Согласно меморандумот, МРТ ќе врши снимање и медиумско покривање на концертите и настаните на училиштето, а двете институции заеднички ќе работат на подигнување на свеста за значењето на музичката и балетската едукација кај младите, афирмација на уметноста и негување на културните вредности.

Особено значајно е што веднаш по потпишувањето на меморандумот биле потврдени снимањата на неколку претстојни концерти на училиштето. На 1 јуни ќе се одржи јубилејниот концерт „25 години Традициски играч-пејач“, на кој ќе настапат и бројни поранешни ученици, денес истакнати уметници и раководители. На 2 јуни следува балетски концерт на учениците од основното образование, на 3 јуни концерт на вокално-инструменталниот оддел, а на 8 јуни балетски концерт на учениците од средното образование со програма од класичен и модерен балет.

Од училиштето истакнуваат дека ова претставува уште една потврда дека трудот, талентот и успесите на учениците и наставниците добиваат заслужено национално внимание.

„Голем ден за нашето училиште, за нашите ученици, наставници, родители, поранешни ученици и за македонската култура. Продолжуваме уште посилно, уште похрабро и уште подостоинствено да ја претставуваме уметноста и младите таленти на Македонија“, порачуваат од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Соработката со јавниот сервис се оценува како значаен исчекор во промоцијата на младите музичари и балетани, кои во иднина ќе добијат поголема видливост и можност своите успеси да ги претстават пред пошироката македонска јавност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk