logo
logo
logo

Посебен работен тим на МВР ЗА МЕСЕЦ ДЕНА ОТРИЛЕ 29 ДИЛЕРИ НА ДРОГА

Vecer | 02.08.2026

Посебен работен тим на МВР ЗА МЕСЕЦ ДЕНА ОТРИЛЕ 29 ДИЛЕРИ НА ДРОГА

Еден месец по формирањето на Работниот тим (Task Force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се постигнати значајни резултати во борбата против организираниот нарко-криминал.

Според МВР, засилената координација меѓу организациските единици, побрзата размена на информации и заедничките акции овозможиле поефикасно откривање и разбивање на криминалните мрежи што се занимаваат со трговија со дрога.

Во изминатиот месец биле реализирани повеќе координирани акции низ државата, насочени кон откривање дилерски мрежи, пресекување на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на наркотични дроги. Меѓу позначајните акции е спречениот обид за меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“.

Како резултат на акциите, полицијата запленила 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш, 691,34 грама амфетамин, 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД-таблети, 14 МДМА-таблети, како и 116 пакувања со различни видови сомнителни материи кои се предмет на вештачење.

Во истиот период биле поднесени 21 кривична пријава против 29 лица, извршен е 131 претрес на домови и други објекти, реализирани се 935 контроли на возила и 1.078 прегледи на лица, а по различни основи поврзани со недозволената трговија со дрога биле приведени или лишени од слобода 241 лице.

Од МВР посочуваат дека особено значајни резултати се постигнати на подрачјето на СВР Скопје, каде при претресите, покрај дрога, биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштола и шест дигитални ваги, кои претставуваат важни материјални докази во кривичните постапки.

Во рамки на активностите на Работниот тим било пронајдено и повторно уапсено 41-годишно лице од Кочани, по кое беше распишана меѓународна потерница, откако претходно избега од полициска станица по апсење за сомнение за недозволена трговија со дрога.

Од Министерството порачаа дека борбата против нарко-криминалот продолжува со засилен интензитет преку нови координирани акции, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk