Маж и жена од Белгија, брачна двојка, кои со помош на професионална сметководителка од Македонија отвориле фирма во Штип, ѝ понудиле спогодбен отказ кога дознале дека е бремена. Од силниот стрес и притисоците да го потпише отказот, таа прокрварела и ѝ бил загрозен плодот, поради што лекари специјалисти веднаш ја пратиле на патолошка бременост.
Бидејќи дискриминираната бремена сметководителка од Штип не попуштила пред притисоците да си даде отказ спогодбено, газдите нашле решение да се отарасат од неа. Отвориле нова сметководствена фирма со седиште во Скопје.
Сите вработени ги префрлиле во новоотворената фирма, само бремената жена во 33. трудничка недела ја оставиле во згаснатата фирма во Штип. Со тоа, таа останала без работен однос.
Мажот и жената одлично се познавале со дискриминираната, бидејќи таа работела прво во нивната фирма во Белгија и тие биле многу задоволни од нејзината работа. Со тоа и ги мотивирала да дојдат во Македонија и во Штип да отворат Друштво за производство, услуги и трговија, вели Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, објави порталот сдк.
Комисијата за антидискриминација за овој случај утврди директна интерсекциска дискриминација врз пол, род и бременост, сторена од страна на работодавачот Друштво за производство, услуги и трговија од Штип и од Друштвото за сметководствени услуги од Скопје, како и од газдите-сопружници од Белгија како основачи, сопственици и овластени лица за застапување на двете друштва. Дискриминацијата врз бремената сметководителка е од областа на работата и работните односи.
„Не ѝ се издава ни потврда дека е во редовен работен однос, па на 14.05.2025, во 33-та недела од бременост, жртвата била одјавена од задолжителното социјално осигурување, односно ѝ бил прекинат работниот однос, и покрај претходно доставениот писмен допис до пријавените, со кој им укажала на последиците и на штетата што ќе ѝ се случи ако ѝ го прекинат работниот однос и ја одјават“, наведува Комисијата за овој тежок случај на дискриминација врз основа на бременост.
За да не ги пријави пред надлежен суд, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бара дискриминаторите, газдите на двете фирми, да ѝ обезбедат на подносителката на претставката ист третман и исти работнички права како со останатите вработени што ги префрлиле во новоотвореното сметководствено друштво.
Бара да ѝ се извинат на тешко дискриминираната вработена и препорачува дискриминаторите да ѝ дадат спогодбена материјална отштета на оштетената.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата