logo
logo
logo

ЦГК: Јавните набавки поврзани со КОВИД-19 изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција

Vecer | 10.03.2022

ЦГК: Јавните набавки поврзани со КОВИД-19 изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција

Во 2021 година јавните набавки поврзани со КОВИД-19 изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција, иако зад институциите е цела една кризна година на искуство, каква што беше 2020, се наведува во генералниот заклучок од длабинскиот мониторинг на јавните набавки поврзани со заштитата од корона вирусот во првата половина од 2021 година, спроведен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Мониторирани се постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во првото полугодие од 2021 година кои претставуваат 38  проценти од сите КОВИД-19 тендери во периодот на мониторинг, а нивната вредност од 5,7 милиони евра е 36  проценти од вредноста на сите КОВИД-19 тендери во тој период.

– Иако набавувале исти стоки, услуги и работи – не постои никаква воедначеност меѓу институциите во описите на предметите на набавка. Ова е случај дури и кај оние институции со исти или слични потреби (на пример, клиники, КОВИД-центри, органи на управа итн.). Цените на набавените стоки се највисоки онаму каде што имало само една понуда или останала само една понуда по исклучувањето на другите во фазата на евалуација. Оваа состојба најдобро ја отсликуваат тендерите за набавка на ракавици, во коишто онаму каде што имало конкуренција ракавиците чинеле 2,43 денари, а во тендери во коишто е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11,21 денар, стои во клучните наоди од мониторингот.

ЦГК утврдил и дека најчесто не постои зависност помеѓу цената и количината на набавените производи во смисла на тоа за поголема количина да се постигнуваат пониски цени и обратно. Па така, како што стои во извештајот, 5.000 респираторни маски N95 се купувани по цена од 9,73 денари, а 60.000 вакви маски по цена од 41 денар.

– Проценетите вредности на набавките често се неколкукратно повисоки од цените добиени на тендерите или од пазарните цени. Ова укажува на нереално планирање на набавките, кое може да биде ризично доколку намерно се остава простор за склучување договори по нереално високи цени, со што ќе има и доволно пари за корупција. Во ниту една од мониторираните постапки за јавна набавка не е почитувана законската обврска за детално образложение за потребата од набавката, во смисла на објаснување зошто на институцијата ѝ се потребни конкретните квалитет и количина од предметот на набавка, наведува ЦГК.

Според нивните наоди, во некои тендери, дискриминаторските елементи се прикриваат токму во деталните и обемни описи на предметот на набавка, иако стандардот што го наведуваат во себе секако ги вклучува сите тие карактеристики.  Во 20  проценти од тендерите, посочуават дека имало исклучување понуди, во коишто од вкупно 93 понудувачи се исклучени 26, односно 28  проценти.

– Во делот на реализацијата на договорите за јавни набавки, фокусот се става врз материјално-финансискиот аспект, а многу помалку врз квалитетот на примените предмети на набавка. Забележани се случаи и на набавки на количини што се значително повисоки од планираните, покажуваат клучните наоди од мониторингот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk