Едно лице е повредено во гаснењето на пожарот синоќа во Битолско и пренесено во болница поради изгореници на дланките, соопшти денеска Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и најави детали за подоцна.
– Имаме и едно повредено лице, најверојатно со изгореници на дланките. Тој е пренесен во болница и дополнително ќе објавиме за неговите повреди – рече Ангелов.
За младиот тракторист Аце (Александар Чепиговски) од село Ивањевци Ангелов истакна дека со неговиот огромен трактор направил херојско дело, орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од линијата којашто загрозувала еден дел од селото Лознени.
– Тој покажа извонредна вештина на управување со неговиот огромен трактор, изложувајќи се на голем ризик орајќи директно низ линијата на огнот со што го сопре ширењето на пожарот на повеќе места. Битката беше многу тешка и затоа апелирам до граѓаните да бидат многу внимателни – рече Ангелов.
Според Ангелов, вчерашниот ден бил најтежок во оваа сезона на пожари од аспект на загрозеност на населени места, бидејќи имаше два алармантни пожара. Во видеоизјава Ангелов соопшти дека во текот на вчерашниот ден имало над 40 пожари на отворен простор, а од нив активни во овој момент се шест кои не загрозуваат населени места, ниту има опасност да влезат во квалитетна шума.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата