Оптимизацијата на судската мрежа е клучна за поефикасно судство

СУДОВИТЕ ВО МАЛИТЕ ГРАДОВИ ЌЕ СТАНАТ СУДСКИ ОДДЕЛЕНИЈА

Vecer | 15.05.2026

СУДОВИТЕ ВО МАЛИТЕ ГРАДОВИ ЌЕ СТАНАТ СУДСКИ ОДДЕЛЕНИЈА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Реформите во правосудството мора да бидат суштински, добро анализирани и креирани преку широк и инклузивен дијалог, рече министерот за правда, Игор Филков на стручната расправа посветена на измените и дополнувањата на Законот за судовите.

Во своето обраќање министерот нагласи дека измените на Законот за судовите се дел од поширок реформски процес, чија цел е создавање побрз, поефикасен и подостапен судски систем, што ќе обезбеди поголема правна сигурност и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

– Реформите во правосудството не смеат да бидат само формални и декларативни. Тие мора да донесат реални подобрувања во функционирањето на судскиот систем и поквалитетна правда за граѓаните – истакна министерот Филков.

Посебен акцент беше ставен на оптимизацијата на судската мрежа, која се предлага со законските измени. Постојната организација на судовите е создадена во поинакви општествени и демографски услови и постојат сериозни нерамнотежи во распределбата на предметите и во капацитетите на судовите.

Предложените решенија предвидуваат дел од судовите да се трансформираат во судски одделенија, со цел поефикасно искористување на човечките и на материјалните ресурси, подобра распределба на предметите и поефикасно управување со судските постапки.

Министерот потенцираше дека овие промени нема да значат намалување на пристапот до правда за граѓаните, туку напротив – обезбедување побрза, поефикасна и поквалитетна судска заштита. Судските одделенија ќе продолжат да функционираат локално, а организациското поврзување со поголемите судови ќе овозможи подобра координација и воедначување на судската пракса.

Во рамки на реформите се предлагаат и мерки за подобрување на работата на апелационите судови, со цел поефикасно постапување по жалби и намалување на заостанатите предмети.

Министерот Филков истакна дека сите предложени решенија се темелат на сериозни анализи, податоци и проценки на реалните потреби на судовите и граѓаните.

Тој упати порака дека успешноста на реформите ќе зависи не само од законските измени, туку и од нивната доследна и одговорна примена во пракса.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk