Советот на јавните обвинители денеска даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител. Позитивно мислење добија сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски и обвинителката Лидија Раичевиќ. За кандидатурата на поранешниот судија Владимир Панчевски Советот едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во врска со работниот стаж.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, истакна дека членовите постапиле исклучиво врз основа на законските критериуми.
– Ние, во согласност со законот ги разгледавме сите пријавени кандидати и ценевме дека ги исполнуваат условите во согласност со законот и затоа дадовме позитивно мислење. Сите кандидати се јавни обвинители, а еден е судија со успешно работење и во Јавното обвинителство и во судовите. И не можевме како членови да ги делиме зашто сите имаат по 25 или 15 години стаж како обвинители и затоа дадовме позитивно мислење – рече Бесими.
Во врска со тоа дека кандидатката Лидија Раичевиќ во претходниот избор од Советот добила негативно мислење, Бесими посочи дека тоа е одлука на поранешниот состав.
– Тоа била нивна одлука. Сега имаме нови членови и ново разгледување. Не е пресудно дали некој бил на раководно место. Некој можеби никогаш нема да биде ничиј шеф, па сепак може да биде републички јавен обвинител – изјави тој.
На новинарско прашање зошто не биле повикани кандидатите на интервју, иако деловникот ја дава таа можност, Бесими објасни дека членовите на Советот веќе добро ги познаваат кандидатите и дека нема законска обврска за интервју.
Во врска со новиот закон што предвидува поголема транспарентност и доставување програма од кандидатите, Бесими истакна дека Советот морал да постапи по актуелниот закон.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Условоте предвидуваат кандидатите да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите што беа пристигнати во Собранието беа препратени до Владата, која потоа побара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати.
По оценката од Советот, Владата треба до Собранието да предложи еден од кандидатите што добил позитивно мислење, а за ова нема предвидено рок во законот до кога треба да биде направено.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата