Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, е во дводневна работна посета на Брисел, каде што учествува на официјални средби организирани од Европската комисија.
На средбите се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст, како и за процесот на интеграција и проширување на Европската Унија.
– Овие два дена сум во посета на Брисел, на средби со претставници на Европската комисија, каде што ќе разговараме за актуелните економски и инфраструктурни политики во државата, како и за процесот на интеграција и проширување на Европската Унија и, секако, за Планот за раст, каде што Македонија бележи огромни резултати и каде што Македонија е лидер во регионот. Она што е особено значајно и на што сум особено горд е дека, на покана на „Пријатели на Европа“, вечерва ќе бидам дел од главната сесија, на која ќе учествуваат околу 200 лидери од Европа. Тука се пет комесари, претставници на Европската комисија, повеќе од 20 европратеници, премиери на држави, вицепремиери, министри, претставници на бизнис-секторот, каде што ќе зборуваме за иднината на Европа и за тоа што ја определува иднината на Европа, Европската Унија и поширокиот европски континент – изјави Николоски.
Во текот на утрешниот ден, вицепремиерот Николоски ќе се обрати на Самитот посветен на транспортните коридори, каде што со високи претставници на ЕУ и европските финансиски институции ќе се разговара за развојот на коридорите. На програмата на Европската комисија за 1 октомври е наведен Николоски како говорник, заедно со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот.
– Утре, исто така, ќе бидам дел од транспортниот самит, каде што заедно со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, банка која инвестира многу во Македонија, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти што ги има Македонија. Од Европската Унија добивме 150 милиони евра грант за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, а проектот е поддржан и со заеми од ЕИБ и ЕБОР – рече Николоски.
Според него ова ќе биде вовед во посетата на претседателката на Европската комисија, која во петок доаѓа во Скопје.
– Исто така, на утрешната сесија на „Пријатели на Европа“ ќе зборуваме за процесот на проширување во друштво на вицепремиерот на Украина, вицепремиерот на Молдавија и претставници од регионот, каде што ќе разговараме за процесот на проширување и за она што е потребно да се направи за негово напредување. Секако, тука е многу важно земјите членки на Европската Унија да сфатат дека не смеат да ги блокираат земјите кандидати. Тука се надевам дека ќе има мудрост кај Бугарија и дека Бугарија ќе направи чекор напред и дека ние ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија. Ова се ретки моменти кога се добива можност директно да се комуницира, формално и неформално, со оние кои ги носат одлуките во Европската Унија и затоа сите ќе продолжиме да се бориме за Македонија – истакна заменик-претседателот Николоски.
- Гласот на Македонија мора да се слушне, вечерва голема чест на иста маса со Енрико Лета - одговорен во ЕУ за Единствениот пазар на Европа и поранешен премиер на Италијa.
Покрај Лета на настанот присуствуваше и Карл Билд поранешен премиер на Шведска и Претседател на Европскиот совет за надворешни односи, Луиза Ортега Претседател на Кока Кола за Европа, Јепе Кофод Претседател на бордот на Укренерго, и Валери Хајер пратеник во европскит парламент и лидер на "Renew Europe" во рамки на Европскиот Парламент.
Ја искористив можноста за разговори со високите претставници и уште еднаш ги потврдив заложбите за европската иднина и интеграција на Македонија во Европската Унија.
Овој значаен европски форум претставува можност за размена на искуства и ставови со релевантни европски и меѓународни чинители, како и за афирмирање на економските и политички перспективи на Македонија.
Ваквите настани се одлична можност за воспоставување соработка со клучни европски политичари и клучни фигури во градењето нови политики. Истовремено е значајна платформа за отворен дијалог, градење партнерства и преточување на заедничките европски приоритети во конкретни политики и активности, објави вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата