logo
logo
logo

Важен факт кој стои во сенка: ЗГОЛЕМУВАМЕ ИЗВОЗ ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ УВОЗ, а тоа е тешка задача

Vecer | 28.09.2026

Важен факт кој стои во сенка: ЗГОЛЕМУВАМЕ ИЗВОЗ ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ УВОЗ, а тоа е тешка задача

Македонија во првите седум месеци од годинава увезла стоки во вредност од околу 7,2 милијарди евра, додека извозот достигнал 5,1 милијарди евра. Тоа значи дека увозот бил за нешто повеќе од 40 отсто поголем од извозот, а трговскиот дефицит надминал 2,09 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Од јануари до јули 2026 година од земјава биле извезени стоки во вредност од 5,103 милијарди евра. Увозот во истиот период достигнал 7,199 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 71 отсто.

И извозот и увозот годинава растат. Извозот во првите седум месеци е зголемен за 8,4 отсто во однос на истиот период од 2025 година, додека увозот пораснал за 7,9 отсто.

Во Србија, во истиот период, извозот достигнал 21,09 милијарди евра, а увозот 25,50 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 82,7 отсто, што е повисоко од македонските околу 71 отсто.

Бугарија во првите седум месеци извезла стоки во вредност од 27,14 милијарди евра, а увезла 34,54 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 78,6 отсто.

Хрватска извезла стоки за околу 16 милијарди евра, а увезла за 28,6 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз таму изнесувала околу 56 отсто.

Уште поголема разлика има во Црна Гора. Во првите седум месеци земјата извезла стоки за 312,9 милиони евра, а увезла за 2,61 милијарди евра. Покриеноста изнесувала само 12 отсто.

Според оваа споредба, Македонија има повисока покриеност на увозот со извоз од Хрватска и Црна Гора, а пониска од Србија и Бугарија.

Но, битно е што се извезува - дали се тоа суровини или готови производи во чија цена е вградена и работната рака како и услуги од трети лица во производтсвото во полза на извозот, што е додадена вредност на извозот.

Структурата на македонската трговија покажува дека значителен дел од размената е поврзан со индустриското производство. Во извозот најголемо учество имаат катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници што се користат во возила, авиони или бродови и деловите за седишта.

Кај увозот меѓу позначајните производи се платината и другите метали од платинската група, нафтените деривати и моторните возила. Дел од увезените суровини и компоненти се користат во домашното производство и потоа повторно се извезуваат како преработени производи.

Македонската економија останува силно поврзана со европскиот пазар. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,7 отсто во вкупната надворешнотрговска размена. Најголем обем на трговија земјава има со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 49,4 отсто од целата размена.

Зголемувањето на извозот а намалување на увозот е една од најтешките задачи за секоја влада бидејќи подразбира координирана вклученост на секторите за финансии, економија, надворешни работи, правда и транспорт како и хармонизација и соработка со приватниот производен и услужен сектор и банките па затоа процесите во тој правец тешко се подвижуваат, а кај нас се започнати, и да се дојде до големи промени потребни се години. Македонија тој процес веќе го започна.

Повисокиот увоз сам по себе не значи слабост на економијата, бидејќи земјата увезува и суровини, машини, енергенси и компоненти потребни за производство. За економијата е поволно кога паралелно расте домашното производство и извозот, особено на производи со поголема додадена вредност. Долгорочно, посилен извоз носи повеќе приходи од странство, поголема активност на домашните компании и подобра способност на земјата да го покрива она што го купува од странство.

(Вечер/Фактор)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk