Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против 47-годишен скопјанец и една скопска фирма поради основано сомневање за брутална проневера и перење пари тешки дури 6.803.900 денари (над 110.000 евра) собрани од граѓаните при регистрација на нивните возила!
Според официјалните информации од МВР, осомничениот – во својство на овластено лице во стан за технички преглед – во период од цели пет години (од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година) штанпал и доставувал фалсификувани извештаи за наплатените давачки за регистрација.
Наместо наплатените средства да завршат каде што треба, лажираните извештаи биле доставувани до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и скопските општини. Во црната операција за фалсификување учествувало и лицето С.С. Двајцата, користејќи ги своите овластувања за потпишување фактури, ги пренасочувале и прикривале парите наплатени од граѓаните преку две приватни фирми и едно осигурително-брокерско друштво од Скопје.
За да го прикријат нелегалното потекло на украдените милиони, осомничените користеле добро разработена шема. тие ги шетале парите од сметка на сметка и ги мешале со легалните приходи на фирмите, склучувале договори за заедничка изградба на недвижности, правеле фиктивни купопродажби на имот и возила, а со дел од украдените милиони директно купувале вреден имот за пријавеното правно лице.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе го презеде предметот за проневера во службата и перење пари, со што е потврдено дека директно бил оштетен Буџетот на Република Македонија за огромни 6,8 милиони денари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата