МИЦКОСКИ ШОКИРАН ОД НИЗАТА СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: Младите се добредојдени во дебатата за законските измени

Vecer | 22.11.2026

МИЦКОСКИ ШОКИРАН ОД НИЗАТА СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: Младите се добредојдени во дебатата за законските измени
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

- Никогаш не си дозволувам да престанам да слушам, дури и оние кои мислат различно, па некогаш и погрешно. За да се разбереме, мора прво да се чуеме. Не си дозволувам некој глас да биде стишен, напротив за секој има место под ова наше парче небо, рече на денешната 35. годишна конференција на Унијата на млади сили претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, додавајќи дека внимателно го следел последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред владата.

- Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци. На тие млади кои протестираа сакам да кажам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството за кое мораме да бидеме реални и објективно да кажеме дека не почна пред две години или започна со оваа влада, и дека најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини и на овие теми, порача тој.

Како општество, додаде тој, мораме да погледаме и подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена па и политичка култура.

- Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, со сеење на омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање на кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба, и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа така се бранат себе си и своите милиони. Ние мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се носат на маса низ дијалог, дециден е Мицкоски.

Се лепат до секоја семејна расправија, секаков инцидент и како ситни профитери се обидуваат да стекнат политички поени

- Сакам да одговорам на една последна интенција која ја создава опозицијата. Тоа е нивната јасна намера надежта да биде убедена преку море дезинформации и креирање на наслови и вести кои мора да создаваат дефетизам, рече на денешната 35. годишна конференција на Унијата на млади сили претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски.

- Мудрите велат каква ти е душата, такви ти се мислите. Сакам да предупредам на една активност на опозицијата и нивните блиски структури на ширење на дефетизам. Немаат програма, немаат идеи, туку се посветени на рушење и во тотална безидејност. Повторуваат дека е од лошо полошо и секој успех сакаат да го претворат во неуспех. Се лепат до секоја семејна расправија, секаков инцидент и како ситни профитери се обидуваат да стекнат некакви политички поени, рече Мицкоски.

Погледнете, додаде тој, како дезинформираат и манипулираат со последниот случај со Алта банка која е всушност увезен проблем затоа што мајката банка во Србија пропадна.

- Среќа во очите им излегуваше што мислеа дека ќе пропадне банката и луѓе ќе загубат пари. Притоа многу лесно го заборавија случајот со Еуростандард банка каде луѓето вистински загубија пари преку свесно и намерно обезвреднување на капиталот на банката. Притоа директно ме нападнаа дека јас нешто наводно сум догварал, а тие самите години наназад започнале деловни односи со Алта Банка Србија за што покажав и документи. Па потоа почнаа да шират информации и делат обвинувања дека наводно можел да ја купи банката некој криминалец. Морам да им кажа дека ќе останат разочарани, а граѓаните задоволни. Банката ќе се спаси. И парите ќе останат достапни за граѓаните. Жална вест за опозицијата, добра и среќна за Македонија, порача Мицкоски.

Им порача дека тоа е нивна работа, а неговата е да се бори за граѓаните.

- Светот се соочува со тешки кризи, но Македонија прилично успешно се справува со тој момент. Мораме да бидеме свесни дека цените на бензините, цената на струјата, и останатите енергенси е со 20, 30 па дури 50 % повисока од сите држави во регионот и пошироко. Сепак во едни такви услови се бориме за силен економски раст кој е меѓу најдобрите три во Европа. Со зауздана инфлација меѓу најниските во Европа. Така и ќе продолжиме. И нема да ја чекаме опозицијата која не ни репер, им порача Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk