logo
logo
logo

Обвинителката Бојчевиќ: КАЗНАТА ЗА СТОЈАНЧЕ Е МАЛА, МОРА ИМА ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ

Vecer | 07.05.2026

Обвинителката Бојчевиќ: КАЗНАТА ЗА СТОЈАНЧЕ Е МАЛА, МОРА ИМА ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ

Неопходна е поопсежна анализа на законите поради несовпаѓањето на висината на казните со тежината на последиците во случаите со смртен исход, истакна денеска јавната обвинителка Адела Бојчевиќ, по изрекувањето на првата неправосилна пресуда за Стојанче Јовановски во траење од 12 години затвор за три кривични дела поврзани со континуирано семејно насилство кое резултираше со трагична смрт на неговата сопруга и нивната малолетна ќерка, пренесува МИА.

Основниот кривичен суд – Скопје го осуди Јовановски за три кривични дела, односно пет години затвор за телесна повреда при вршење семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години затвор за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Сите три дела се споени во вкупна затворска казна од 12 години.

Бојчевиќ истакна дека за кривичните дела е изречена максималната предвидена казна, потенцирајќи ја неопходноста од построга казнена политика бидејќи иста затворска казна до пет години е предвидена и за телесна повреда при вршење на семејно насилство и за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.

– Се работи за неправосилна пресуда која очекуваме одбраната да ја обжали, со оглед на фактот дека судот му изрече на обвинетиот максимални казни за трите кривични дела. Од друга страна, имаме пресуда и казна за наведување на самоубиство. Ја имаме најтешката последица, а тоа е губење на човечки живот.

Ќе искоментирам дека казнената политика можеби не е во корелација и не соодветствува на најтешката последица што ја имаме во вакви случаи. Особено што првпат имаме случај на проширено самоубиство, а не само самоубиство.

Сметам дека тоа би требало да биде предмет на една поопсежна анализа од страна на правните експерти и изготвувачите на законите, во насока на построга и подобрена казнена политика. Бидејќи не може да предвидуваме казна затвор до пет години каде што има телесна повреда, а истата казна затвор до пет години да ја предвидуваме и каде што имаме смртна последица – истакна Бојчевиќ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk