logo
logo
logo

Од осомничениот дилер ОДЗЕМЕНИ 6 АВТОМОБИЛИ И СТАН

Vecer | 15.07.2026

Од осомничениот дилер ОДЗЕМЕНИ 6 АВТОМОБИЛИ И СТАН

Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени шест автомобили и еден стан од Александар Лазаров од Кочани, поради сомнение дека имотот е стекнат со криминална активност, пренесе МИА.

Според МВР, Одделението за внатрешни работи Кочани, во координација со Основното јавно обвинителство Кочани, покрај доказите за сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик, обезбедило и докази што укажуваат дека осомничениот располага со значителен движен и недвижен имот стекнат со криминална активност.

Основниот суд Кочани донел решение за привремено обезбедување на имотот, со кое се одземени шест патнички возила – „Џип“, „Порше“, „Фолксваген“, „Ауди“, „БМВ“ и „Пасат“, како и еден стан.

Од МВР посочуваат дека ОВР Кочани продолжува со преземање мерки и активности за утврдување на законитоста на стекнатиот имот.

Претходно, Основното јавно обвинителство Кочани соопшти дека Лазаров, кој извесен период беше во бегство откако избега од Полициската станица во Кочани, е спроведен на издржување на мерката притвор.

Обвинителството информира дека на 10 јули било донесено решение за спроведување истражна постапка против Лазаров и уште едно лице, осомничени како соизвршители за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Истрагата е отворена откако при претрес на автомобил кај осомничените биле пронајдени осум грама кокаин.

Покрај барањето за притвор, јавниот обвинител до Основниот суд Кочани поднел и барање за привремено одземање на движен и недвижен имот, согласно член 202 од Законот за кривичната постапка.

-Од преземените дејствија досега постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле регистрирани на други лица, фактички биле во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека претставува имот стекнат со криминална активност или служел за прикривање на незаконски стекната имотна корист – соопшти Обвинителството.

Лазаров вчера бил уапсен од полициски службеници од СВР Скопје – Одделението за потраги, по претходно добиени оперативни информации, и бил приведен во Полициската станица Кисела Вода. По предлог на јавниот обвинител, судот му определил мерка притвор, по што веднаш бил спроведен на нејзино издржување

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk