Еден полицаец за година и пол четири пати сменил матичен лекар и тоа во различни градови за да може да вади боледувања, кажа на денешната прес-конфренција директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
‒ Ова е само еден од примерите за злоупотреби во однос на боледувањата во Министерството за внатрешни работи (МВР). МВР контролираше 514 боледувања кои ги направиле овие 80 лица. Големото мнозинство, 258, се до 7 дена, 171 се до 15 дена и 83 биле со траење од 30 или повеќе дена. Ова е важно затоа што само тие над 15 дена влегуваат во полето на внимание на ФЗО, бидејќи над 15 дена треба да бидат упатени на комисија, кажа на денешната прес-конфренција Клековски.
Кај 29 од вкупно контролирани 80 лица се најдени неправилности, односно кај овие 29 лица се најдени 236 боледувања коишто биле оценети како неоправдано издадени, или тоа е околу 19,5% од вкупниот број на боледувања.
Контролирани се 105 приватни здравствени установи – претежно ординации по општа медицина, меѓутоа има и гинеколози и стоматолози – и констатирани се неправилности кај 29 ПЗУ. Во овие 29 ПЗУ биле издадени овие 100 неуредни боледувања.
Како што кажа Клековски, неправилности се констатирани и кај три специјалисти во јавни здравствени установи. Тоа се боледувања издадени врз основа на специјалистички извештај. Исто така се констатирани неправилности во издавањето кај две лекарски комисии во два града.
‒ Најчесто се работи за неисполнување на задолжителни дијагностички постапки. Чисто како илустрација: ако е лумбаго, треба да има рендген за да се потврди дека е лумбаго. Има такви типови на недостатоци, меѓутоа има и надминување на временските рамки, издавање ретроградно на боледувањата, непоклопување на периоди и слични прашања. Само за три ПЗУ не се завршени постапките за казнување. Околу 1,2 милиони денари ќе биде вкупната казна за овие здравствени установи. Информирано е МВР за сите предмети каде што има недостатоци за нивно натамошно постапување, што е нивна работа, кажа Клековски.
10 од овие 29 менувале матични лекари за време на боледување, што е еден од показателите дека има проблем со боледувањата.
‒ Оти кога ќе престане матичниот лекар да сака да издава или да одобрува, одиш кај друг матичен лекар и почнуваш отпочеток. Меѓутоа, има и оправдани боледувања, бидејќи кај две лица има боледувања над 10 месеци со иста дијагноза и тие се упатени на инвалидска комисија за соодветна постапка. Значи не е сè неоправдано, кај тие навистина има проблем, додаде Клековски.
Според директорот на ФЗО оваа акција им послужила за проучување на системот за да видат каде се недостатоците.
‒ Главниот недостаток е дека ние немаме интегриран систем на боледување, односно ние не знаеме колку боледувања има во земјава. Европските просеци се меѓу 2 и 5 проценти од вкупното работно време во боледување. Ние не знаеме колку се кај нас. Не знаеме затоа што боледувањата до 15 дена се регистрирани само во „Мој Термин“ и Фондот нема пристап, а овие над 30 дена ги имаме затоа што ние ги исплаќаме. Најголем дел од злоупотребите се во испрекинати „цик-цак“ боледувања кои воопшто не стигнуваат до лекарска комисија: седум дена со една дијагноза, еден ден одите на работа, па после седум дена со друга дијагноза и така натаму, додаде Клековски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата