Македонија се соочува со предизвикот да ја модернизира енергетиката, да обезбеди одржлив развој на рударството и да создаде услови за почист транспорт. Возилата на македонските патишта во просек се стари околу 20 години, електричните автомобили се малубројни, а инфраструктурата за нив е ограничена. Ова се дел од прашањата за кои разговарале министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Средбата била посветена на стратешките приоритети во енергетиката и рударството, но и на потребата законските решенија и развојните политики да бидат усогласени со потребите на стопанството.
Една од темите била подготовката на новата државна Стратегија за енергетика, во која Стопанската комора изразила подготвеност активно да учествува, заедно со меѓународните партнерски организации. Во разговорите било нагласено дека идните енергетски политики треба да ги следат технолошките промени и новите трендови, но и да создадат функционален систем што ќе го поддржи економскиот раст.
Поддршка од бизнис-заедницата добила и имплементацијата на Стратегијата за рударство. Азески ја потврдил подготвеноста на Стопанската комора да соработува со институциите во спроведувањето на стратешките определби, со цел создавање услови за одржлив развој на секторот.
Посебно внимание било посветено на автомобилската индустрија и можностите за намалување на штетните емисии. Божиновска посочила дека просечната старост на возилата во државата е околу две децении, додека бројот на електрични автомобили и инфраструктурата за нивна поддршка сè уште се ограничени.
Во таа насока, било отворено и прашањето за постепено усогласување со современите европски стандарди за емисии, како и за создавање подобри услови за развој на електричната мобилност и унапредување на квалитетот на воздухот.
На средбата се разговарало и за унапредување на законската регулатива за јавно-приватно партнерство и концесии, при што била истакната важноста од вклучување на бизнис-заедницата во подготовката на функционални и применливи решенија
Божиновска и Азески ја потврдиле подготвеноста за натамошна соработка меѓу Министерството и Стопанската комора, со фокус на спроведување на стратешките документи, подобрување на законската рамка и создавање услови за одржлив економски развој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата