Со конституирањето на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите и воспоставувањето национална и локални контакт-точки во Министерството за внатрешни работи, државата прави значаен чекор кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на новинарите и медиумските работници, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на првиот состанок на Комитетот.
Тој посочи дека формирањето на телото произлегува од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и безбедноста на новинарите, согласно препораките на Советот на Европа за заштита на новинарството и медиумските работници.
-Слободното и безбедното новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности и бараат одговорност - истакна Тошковски и нагласи дека напад врз новинар поради неговата професионална работа не претставува само напад врз поединец, туку и врз правото на јавноста да биде информирана.
Според Тошковски, МВР во изминатиот период работело на јакнење на соработката со новинарските здруженија преку заеднички активности и обуки, како и на унапредување на капацитетите на полициските службеници за постапување во случаи на закани, притисоци и напади врз новинари.
Тој информира дека покрај националната фокална точка, воспоставени се и локални контакт-точки во сите сектори за внатрешни работи, како и посебна контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста за побрза комуникација и реакција при онлајн закани и вознемирување.
Во обраќањето, Тошковски потенцираше дека заштитата на новинарите не може да биде одговорност на една институција, туку бара постојана координација меѓу полицијата, обвинителството, судството, новинарските организации и другите надлежни субјекти. Министерот порача дека МВР ќе остане активен партнер во унапредувањето на безбедноста на новинарската професија и медиумските слободи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата