Со 35 приказни, раскажани преку 35 археолошки предмети, Археолошкиот музеј во Скопје се приклучува кон одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста. Изложбата е достапна за публиката до 11 часот, а влезот ќе биде бесплатен цел ден.
– Од најраните траги на човекот, преку антиката и средниот век, до поновата историја.
Пронајдете ги предметите означени со македонското знаме и откријте ги приказните што ги чуваат – велат од Музејот.
На настанот ќе биде промовиран и специјалниот каталог „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Меѓу изложените предмети ќе биде мермерните списоци на ефеби од 1 и 2 век, пронајдени на Стибера кај Чепигово.
– Кој одел на училиште во Стибера пред речиси 2.000 години? Нивните имиња сè уште ги знаеме. Во античка Стибера младите се образувале во гимназионот, каде што учеле книжевност, реторика и филозофија, но и се занимавале со физички дисциплини. Имињата на генерациите што го минувале ова образование биле запишувани во камен. Во Националниот археолошки музеј се чуваат три такви мермерни списоци на ефеби, датирани во 74/75, 87/88 и 107/108 година. На нив, покрај имињата на ефебархот и добротворот кој го обезбедувал маслото за вежбање, се запишани и имињата на младите жители на Стибера – велат од Археолошкиот музеј.
Ќе биде изложен и камен шкрилец, долг само 4,8 сантиметри, што пред 80.000 години го користеле неандерталците кои живееле во пештерата Голема Пешт кај Здуње.
– Неговиот изработувач зел парче кремен и со внимателни удари оформил орудие со остар врв. Зад неговата едноставна форма стојат искуство, планирање и добро познавање на материјалот – објаснуваат од Музејот.
Посетителите низ поставката ќе треба да ги пронајдат 35-те предмети за да ги прочитаат приказните. Со тоа музејот се вклучува во одбележувањето на 35 години независна Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата