Владата донесе нова одлука за дополнително намалување и усогласување на царинските стапки за полупроизводи и суровини, со цел да се зголеми конкурентноста на домашните извозници, како и на домашните и странските инвеститори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Посетата на Гевгелија, каде што присуствуваше на отворањето на новиот трговски центар „Mega shopping Park“, премиерот ја искористи да појасни дека по минатогодишното кратење на царините од 50 отсто, сега се прави дополнително усогласување за нови 20 проценти, со што вкупното олеснување достигнува до 70 отсто.
Министерството за финансии потврди дека Владата веќе го усвои Предлогот за измена на Законот за царинска тарифа. Со овие измени се врши целосно усогласување на давачките со оние што се применуваат во Европската Унија.
Новиот пакет на намалување опфаќа вкупно 70 суровини, компоненти и репроматеријали кои домашните производствени капацитети ги користат за создавање производи со висока финална вредност. Главниот фокус на оваа мерка е да им се овозможи на македонските компании полесно и поевтино да стигнат до потребните материјали за работа, што директно ќе го засили нивниот извозен потенцијал на странските пазари.
Оваа одлука претставува директно продолжение на економските реформи што започнаа со законските измени од 1 јули 2025 година, кога царинските стапки првично беа преполовени во однос на нивото на ЕУ. Институциите очекуваат дека со заокружувањето на овој процес на 70 проценти, домашната индустрија ќе добие сериозен поттик за раст и развој во претстојниот период.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата