АМАНДМАНИ ЗА ЈАВНИТЕ НAБАВКИ: Сиљановска не го потпиша законот, утре пратениците повторно ќе одлучуваат

Vecer | 09.11.2026

АМАНДМАНИ ЗА ЈАВНИТЕ НAБАВКИ: Сиљановска не го потпиша законот, утре пратениците повторно ќе одлучуваат
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Дури 2.158 амандмани се поднесени на измените на Законот за јавни набавки, кој повторно се враќа пред пратениците откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за негово прогласување.

Владејачкото мнозинство поднело еден амандман со кој се предлага бришење на спорниот член 13, во согласност со забелешките на претседателката. Најголемиот дел од преостанатите амандмани се поднесени од опозициската СДСМ.

Законот е ставен на дневен ред на пленарната седница закажана за утре, каде што пратениците повторно ќе расправаат за законското решение.

Сиљановска-Давкова на 4 ноември испратила допис до Собранието, во кој образложила зошто одлучила да не го потпише указот. Нејзините забелешки се однесуваат на членот 13, со кој се менува начинот на именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Со досегашното решение, претседателот и членовите на Комисијата се именуваа со мандат од пет години и право на уште еден избор. Новата формулација предвидува петгодишен мандат со можност за повторно именување, без прецизно утврдување колку пати може да се обнови мандатот.

Според претседателката, ваквата формулација остава простор за неограничен број повторни именувања, што отвора сериозни прашања за владеењето на правото и можноста за концентрација на моќ во одлучувањето за трошење на јавните средства.

Таа предупреди дека доколку и досегашната можност за два последователни мандати носела ризик од преголемо влијание, тогаш неограничениот број мандати може дополнително да го зголеми тој ризик.

Сиљановска-Давкова потсети и на проблемите и сомнежите што во минатото ја следеле работата на оваа комисија, вклучително и прашањата за нејзината непристрасност, одговорност и законитост во работењето.

Таа порача дека би го поддржала решението со кое членувањето во Комисијата би било ограничено на еден петгодишен мандат, но побара пратениците повторно да ги разгледаат забелешките за спорната одредба.

Постапката се спроведува согласно член 183 од Деловникот на Собранието, според кој закон за кој претседателот на државата не го потпишал указот се враќа на повторно разгледување во фаза на трето читање, во рок од 30 дена. Во оваа фаза амандмани може да се поднесуваат само во врска со забелешките на претседателот.

Рокот за поднесување амандмани истече на 6 ноември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk