Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток. Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.
Според информациите на Кризниот штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ центарот на градот.
Митовски истакна дека се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Ја замоли Владата да обезбеди заедничка, координирана интервенција, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност.
– Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота – порача Митовски до Владата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата