logo
logo
logo

Тошковски најави НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПОСЕДУВАЊЕ ОРУЖЈЕ

Vecer | 04.10.2026

Тошковски најави НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПОСЕДУВАЊЕ ОРУЖЈЕ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на свеченоста во Народниот театар во Велес по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија, при што ја истакна важноста на ловечката традиција, но и на одговорното поседување и користење оружје.

Тошковски им го честиташе големиот јубилеј на членовите на Федерацијата и на генерациите ловци кои во изминатите осум децении придонесувале за развојот на ловството во земјата.

Во своето обраќање, министерот се осврна и на промените што Министерството за внатрешни работи ги спроведува во областа на оружјето. Според него, целта на реформите е граѓаните кои ги исполнуваат законските услови да имаат помалку административни пречки, но истовремено контролата врз оружјето да биде поефикасна.

Тошковски посочи дека при преземањето на функцијата било утврдено дека повеќе од 5.000 граѓани ги исполнувале условите за добивање дозвола, но сепак не ја добиле, додека во исто време оружје поседувале и лица кои, според него, не требало да го имаат.

„Таков систем не е ни праведен, ни безбеден. Затоа го сменивме“, истакна министерот.

Една од промените е и воведувањето на електронска платформа преку која се поднесува барањето за набавка на оружје. Укината е и обврската за претходно одобрение за набавка на муниција, при што МВР преку централен електронски систем ќе има увид во набавените количини.

Тошковски зборуваше и за новиот Закон за оружје, со кој се предвидуваат повеќе промени во начинот на регулирање на оружјето и муницијата. Меѓу нив е можноста со едно барање да се побара набавка на повеќе парчиња оружје, како и дозволено полнење муниција.

Предвидено е и проширување на сокорисничкото право, како и продолжување на рокот за регулирање на наследено оружје од два на четири месеци.

Со новите правила е предвиден и рок од една година за регулирање на одредени случаи во кои рокот бил пропуштен или барањето било одбиено поради истек на рокот. Ова се однесува и на оружје кое треба да се легализира, пререгистрира или доброволно да се предаде.

Министерот нагласи дека административното олеснување не значи и намалување на контролата.

„Секое олеснување за чесниот ловец оди заедно со построга контрола“, порача Тошковски.

Според него, новиот закон предвидува електронско следење на оружјето од производството до крајниот корисник, како и обврска за негово безбедно чување на соодветно место.

Посебно внимание, како што истакна, се посветува и на современите технологии. Со законските измени се опфаќа и оружје и делови изработени со 3Д печатачи и CNC машини, технологија која претставува нов предизвик во споредба со времето кога бил донесен претходниот закон.

Тошковски ја сумираше политиката на Министерството со порака дека легалното оружје треба да биде во рацете на одговорни граѓани, додека нелегалното оружје не треба да има место во општеството.

„Доверба за тие што ги почитуваат правилата, нулта толеранција за тие што ги кршат“, порача министерот.

Во продолжение тој ја истакна важноста на соработката со Ловечката федерација и ловечките друштва. Според него, институциите и ловечката заедница треба континуирано да комуницираат за да се утврдат евентуалните проблеми при примената на новите законски решенија.

На крајот од свеченото обраќање, Тошковски уште еднаш го честиташе 80-годишниот јубилеј на Ловечката федерација, нагласувајќи ја улогата на ловците во познавањето и зачувувањето на природата и теренот.

„Ловецот најдобро ја познава оваа земја. Секоја планина, секоја долина, секоја патека. Можеби затоа најдобро и знае колку таа вреди“, порача Тошковски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk