Во Општина Центар никнуваат нови згради, но локалната самоуправа не знае колку активни градилишта има на нејзината територија, ниту пак располага со активен градежен инспектор. Ова го тврдат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, од каде што обвинуваат за сериозни институционални пропусти во една од општините со најинтензивна градежна активност во главниот град.
Според соопштението на ЗНАМ, на едноставно советничко прашање колку активни градилишта има во Општина Центар, општинската администрација не успеала да даде одговор. Од Секторот за урбанизам надлежноста ја префрлиле на Градежната инспекција, додека од Секторот за инспекциски работи, како што наведуваат од партијата, потврдиле дека општината во моментов нема активен градежен инспектор.
Од ЗНАМ ваквата состојба ја оценуваат како скандалозна, посочувајќи дека во општина во која речиси секојдневно се градат нови станбени и деловни објекти, недостигот од градежен инспектор отвора сериозни прашања за законитоста и контролата на изградбата.
„Кој ги контролира активните градилишта во Центар? Кој проверува дали се гради согласно одобрените проекти? Кој утврдува евентуални неправилности и незаконско градење? Кој ја презема одговорноста за ваквиот институционален пропуст?“, прашуваат од ЗНАМ.
Оттаму директно го прозиваат и градоначалникот Горан Герасимовски, барајќи да објасни како општината функционира без градежен инспектор во услови на интензивна урбанизација.
„Господине Герасимовски, како зборувате за законитост, ред и успешно управување кога општината со толку интензивна градежна активност нема ниту еден активен градежен инспектор? Граѓаните на Центар заслужуваат одговори, а не префрлање на одговорноста од еден сектор на друг“, се наведува во партиското соопштение.
Од Движењето ЗНАМ бараат итно решавање на проблемот со градежната инспекција, јавно објавување на точниот број активни градилишта и објаснување кој во моментов го врши инспекцискиот надзор врз изградбата.
„Центар не смее да биде општина во која се гради на секој чекор, а нема кој да контролира што и како се гради“, порачуваат од ЗНАМ.
Обвинувањата отвораат прашање како се организира контролата на градежните активности во општината и кој е надлежен да постапува при евентуални прекршувања на законските прописи. Засега, тврдењата за недостиг од градежен инспектор се изнесени од ЗНАМ и бараат официјално појаснување од Општина Центар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата