Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора, рече меѓу другото шефот на Делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговараќји на прашање што ако Бугарија реши да стави ново вето поради несогласување во Историската комисија.
Рокас рече дека не сака да шпекулира, но дека треба да се вложи напор.
– Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав. Ако истовремено се негуваат добрососедските односи и предвидените комисии работат јасно, решително, посветено и конструктивно, јас лично верувам дека нема од што да се стравува. Но, како што веќе реков, со „ако“ и „но“ не напредуваме. Многу добро знаеме каква е ситуацијата. Од наша страна има огромно разбирање и подготвеност да помогнеме и да бидеме со вас на тој пат за да може да се оди напред – рече тој.
Според него, уставните измени се важни за да се заокружи отворањето на пристапните преговори.
– Следниот чекор што сакаме да го направиме е да го отвориме кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права. Тој секогаш се отвора прв, а се затвора последен. Целта ни е овие два чекора да следуваат веднаш еден по друг. За да се направи вториот чекор, а тоа важи за сите земји кандидатки, треба да се завршат два патоказа. Едниот е за реформата на јавната администрација, а другиот за владеењето на правото. Со него е поврзан и Акцискиот план за малцинствата. Значи, неопходно е овие три документи да бидат завршени пред да се отвори кластерот „Темели“. Работата на сите три е во напредна фаза, а се водат и консултации. Како и за секоја земја кандидатка, Европскиот совет треба да ги одобри овие три документи, а потоа можеме да ги отвораме преговарачките кластери. Целта ни е, штом ќе се усвојат уставните измени, да се одржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“. Тоа е нашата цел. Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму – рече Рокас.
Тој додаде дека меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе се водат консултации во врска со Акцискиот план.
– Колку што знам, а мислам дека тоа е и јасно, меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе се водат консултации. Тие се во тек и се од општ карактер, не се водат конкретно за ова прашање. Мислам дека тоа треба да го поздравиме. Ваквата размена помага за подобро меѓусебно разбирање и за градење доверба. Тоа е многу добар чекор и прилично сум сигурен дека, кога ќе има нешто да се соопшти, двете земји ќе го соопштат. Од европска страна го поддржуваме дијалогот меѓу два соседа и, ако двете земји го побараат тоа од нашите служби, со задоволство ќе се вклучиме – додаде Рокас.
Мицкоски: Прво да го договориме Акцискиот план
Премиерот Христијан Мицкоски во средата од Брисел порача дека дури и ако се направат уставните измени, останува прашањето за Акцискиот план за малцинствата за кој откри дека нема согласност од само една земја членка на ЕУ.
– Ние сме подготвени да разговараме. Ние прво треба да разговараме за Акцискиот план. Тоа сум го кажувал многу пати во минатото и ќе го повторам и денес. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но хипотетички, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинствата. Мислам дека е суштински важно најпрвин да зборуваме за Акцискиот план за малцинствата. Ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против, па дури потоа да видиме дали има простор да разговараме за што било друго – истакна премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата