Премиерот Христијан Мицкоски испрати силна порака во заштита на семејството, како темел на општеството, потсетувајќи дека уште од минатата година во училиштата е воведена посебна читанка на сите наставни јазици за најмладите ученици.
Станува збор за читанката „Јас, мама и тато, дада и бато“, која се дели во сите основни училишта на македонски, албански и на јазиците на останатите заедници, со цел првоодделенците уште од најрани години да ги усвојат вистинските семејни вредности.
„Од минатата година има читанка 'Јас, мама и тато, дада и бато' за да можат уште од најмали години првоодделенците да сфатат што е семејство. Дека семејството не е само 'јас, мама и тато', туку е 'јас, мама и тато, дада и бато'“, истакна Мицкоски.
Премиерот порача дека е подготвен за сите критичари и деструктивни напади од политичкиот „талог“, нагласувајќи дека поддршката на традиционалното семејство е клучна не само за Македонија, туку и за целото човештво.
„Повторно од талогот ќе почнат да ме напаѓаат, но јас до последниот ден, додека сум жив, ќе тврдам дека ова ќе биде основниот предизвик не само за Македонија и за сите нации, туку и за целиот свет. Ако сакате да имате економски развој и државата да оди напред, прво треба да почнете од семејните вредности“, нагласи премиерот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата