Институт за бизнис економија во Скопје, Институт за геобиологија, археологија и подземни води во Скопје, Институт за мода и дизајн во Тетово се дел од 18-те затворени институти кај кои Министерството за образование и наука констатирало разни неправилности.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска синоќа, во централниот дневник на Сител, рече дека проверките што ги направила комисијата при МОН покажале различни недостатоци – некаде не биле исполнети условите за научници кои треба да работат во институтот, некаде воопшто немало програма за научно-истражувачка работа, а имало и случаи во кои институтите биле сместени во несоодветни простории. Три до четири институти, откако почнале контролите, сами затвориле.
Кај универзитетите, како што појасни министерката Јаневска, ситуацијата е малку поинаква – има пријави за несоодветно трошење на средства од буџетот што го дава државата, пријави за неправилен упис, за фалсификувани дипломи, за назначување во несоодветно звање…
„За една приватна високообразовна установа имаме пријава до истражните органи и обвинителството за фалсификување диплома. На пример, студентка во еден месец положила 14 до 17 испити, а во истовреме студирала и додипломски и постдипломски студии. Тоа реално не е можно. Не сум слушнала никаде во светот да се положат во еден месец 14 испити и да се биде и на додипломски и на постдипломски студии“, рече Јаневска.
За Законот за високо образование, којшто е во собраниска процедура, вели дека МОН ќе прифати амандмани од опозицијата доколку тие се издржани.
„Ние година дена работиме на овој закон. Се што сметавме дека е прифатливо, ние го ставивме во законот. Не е точно дека државата навлегува во автономијата на универзитетите, но мора да има отчет за парите што државата ги дава на универзитетите“, нагласи министерката Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата