Ужас! ДОКТОР И СЕСТРА ИСТЕПАНИ ПРЕД ПОЛИКЛИНИКА „Јане Сандански“ во Скопје

Vecer | 23.11.2026

Ужас! ДОКТОР И СЕСТРА ИСТЕПАНИ ПРЕД ПОЛИКЛИНИКА „Јане Сандански“ во Скопје
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Доктор и медицинска сестра од Итната помош во Скопје викендов биле истепани пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, сведочат тие самите за „Слободен печат“ како и возачот кој бил во нивниот тим. Насилството според пријавата во полициска станица, им го приредиле пациент и неговиот син.

Медицинската сестра која била нападната, за „Слободен печат“ ситуацијата ја опиша како страшна.

– Значи, беше страшна сликата, многу беше страшно зашто имаше и луѓе околу нас. Тепање, значи не знам од кого добив удар од позади. Дали од таткото, зашто таткото – тој што требаше да го носиме ние – тој тепаше повеќе од синот – ни изјави медицинската сестра.

Возачот на комбето, кој присуствувал на целото насилство на кое биле изложени медицинските работници, ни рече дека се враќале од терен со неговата екипа, бидејќи биле излезени на повик за случена сообраќајна незгода, кога пред поликлиниката две машки лица му пришле на докторот.

– И му рече –  „помогнете, татко ми испи антифриз“. Кога видовме дека таткото стои на нозе и е контактибилен, докторот предложи синот да го одвезе со својот автомобил на Клиниката за токсикологија, зашто ние нема како поинаку да му помогнеме, мора да се одвезе на Токсикологија. Што им текна, се вратија, со зборовите дека мора да му дадеме нешто на таткото и дека докторот мора да го носи со итната помош. Докторот рече дека ќе го однесе, ама најнапред синот да се јави на 194 за да се креира налог, бидејќи без налог не можеме да одиме никаде – изјавил возачот на екипата кој бил сведок на нападот.

Тој додаде дека таткото и синот не сакале да се јават на 194.

– Почна да вика на висок тон, дојде до караница па до тепачка, каде што помладиот го фати докторот и почна да го турка и да го влече, а татко му што беше во животозагрозувачка состојба според синот – му удри тупаница на докторот, па му удри и шлаканица, го влечеше за коса и му го искина џемперот. Во тој момент медицинската сестра, со намера да ги раздели во таа гужва доби шлаканици и кубење за коса. Јас ја тргнав сестрата на страна и потоа ги раздвоивме луѓето. А докторот беше искинат, издрпан, удиран, исто и медицинската сестра – додава возачот сведок на насилството.

По инцидентот била повикана полициска екипа, која го придружувала таткото до Клиниката за токсикологија, а докторот и медицинската сестра биле пренесени на Ургентен центар па во полициска станица да дадат изјави. Тие одбивале да бидат на боледување, зашто сметале дека траумата полесно ќе ја поминат доколку се на работа и со професијата.

Лекарската комора најостро го осудува физички напад врз доктор и медицинска сестра пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, кои биле нападнати при извршување на своите работни задачи.

– Ваквите акти на насилство врз здравствените работници се апсолутно неприфатливи и претставуваат директен напад врз сите оние кои секојдневно, со посветеност и професионалност, се грижат за здравјето и животот на граѓаните. Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност и нарушено достоинство. Лекарската комора постојано апелира дека насилството не смее да биде начин за решавање на какви било состојби или недоразбирања во з дравствените установи – велат оттаму.

Лекарската комора бара Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни органи итно и целосно да го расчистат случајот и најстрого да ги санкционираат сторителите, во согласност со законските одредби со кои нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност се третира како кривично дело напад врз службено лице, за кое е предвидена и казна затвор до пет години.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk