ЈСП Скопје годинава има заштеда од околу половина милион евра за гориво, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
– Имаме половина милион евра заштеда за гориво во услови кога имаме 50 автобуси плус пуштено во оптек. Јас кога станав градоначалник во ЈСП функционираа 148 автобуси, денес сообраќаат на линиите над 200 автобуси, а имаме над пола милион евра заштеда што значи дека некој дебело се офајдувал во минатото на сметка на нас граѓаните – рече вечерва Ѓорѓиевски, кој разговараше во живо преку Фејсбук со граѓаните.
Тој додаде дека вовел дисциплина, односно дека има ГПС уреди на сите автобуси и на сите возила на јавните претпријатија и на Градот Скопје, а поставени се и сонди за мерење гориво.
Наскоро се очекува да пристигнат 100 еколошки автобуси. За таа цел тимови од ЕВН, Министерството за транспорт и ЈСП работат на адаптација на позициите за соодветни полначи на новите автобуси. Ќе треба да се изградат и трафостаници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата