Унапредување на науката и истражувањата, регулатива за употребата на вештачката интелигенција и пречките во евроинтеграцијата на земјата беа главни теми во обраќањето на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, на одбележувањето на 59-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.
Попов го поздрави креирањето на пакетот од три закони – за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност – затоа што првпат има усогласеност меѓу нив, нагласувајќи дека се клучен инструмент за идниот развој на универзитетите и науката. Порача дека се потребни коренити реформи, но и дека не треба да се спроведуваат пребрзо туку да бидат „внимателни, инклузивни и насочени кон долгорочна стабилност“.
Покрај поголемо издвојување за наука од БДП, кое во измиантите десетина години, рече Попов, е недоволно (од 0,2 и 0,3 отсто од БДП), промени треба да има во распределбата на буџетот односно во финансиската структура. Меѓу другото, тој посочи дека од буџетот за наука за 2026, 61,9 отсто се наменети за плати и тековни трошоци на научните инстиути, а само 36,2 отсто остануваат за реални истражувачки проекти.

Според него, реформите во иднина треба да вклучат неколку приоритети, меѓу кои ги спомна формирање посебно министетство за високо образование и наука, гарантирано институциоанлно финансирање, мерки за стимулирање на академската извонредност, борба против одлив на академски кадар итн.
Во однос на вештачката интелигенција, академик Попов посочи дека во државава доцни донесувањето законска регулатива и оти прашањата поврзани со ВИ се само делумно опфатени со постојното законодавство.
-Пред нас стои потребата од целосно уредување на оваа област, во согласност со европските и меѓународните стандарди. Тоа, секако, нема да значи ограничување на развојот на оваа технологија, туку создавање услови за нејзин одговорен развој и примена, рече Попов, посочувајќи го притоа и значењето на националниот проект „Везилка“.
Во конктекст на оваа тема тој рече и дека смета оти државата треба да има свој национален центар за податоци, „како еден од основните столбови на дигиталната трансформација, суверенитет и безбедност на една држава“.
Во обемното експозе по повод Денот на Академијата, која тој ја води трета година од мандатот, Попов се осврна и на евроинтеграциите на државава и, како што рече, сериозните пречки што сè уште ги има на патот кон ЕУ.
-Продолжувањето на билатералните контакти е позитивен чекор, но сè уште не значи дека сме блиску до решение за блокадата. Би било добро кога дипломатските иницијативи би се преточиле во конкретни чекори .. По сите отстапки што досега сме ги направиле и болните реформи низ кои поминавме, оправдано е да се очекува помош од нашите стратегиски партнери за надминување на блокадата. Иницијативата на Франција и Германија за поширока примена на квалификуваното мнозинство наспроти едногласноста во одредени области од европскто одлучување заслужува сериозно внимание, истакна претседателот на МАНУ.
Како што рече, ние сме дел од Европа и бесмислени се сите одложувања и дека „очекуваме нашите европски партнери сериозно да го разгледаат барањето за поактивно вклучување во надминувањето на спорот со источниот сосее и да помогнат во изнаоѓањето решение што ќе го одблокира пристапниот процес“. Во таа насока, рече, „очекуваме поддршка и од нашиот стратегиски партнер САД, во рамките на нивното дипломатско ангажирање и интерес за стабилноста на регионот“.
Во однос на спорот со Бугарија, претседателот на МАНУ порача и дека „во науката не смее да има политика“ и оти треба повторно да се воспостави соработка и да се нормализираат релациите со БАН какви што биле во времето кога претседател на Бугарската академија на науките беше Стефан Воденичаров.
Акдемик Живко Попов во обраќањето се осврна и на програмата на МАНУ за 2026 и активностите на нејзините одделенија и истражувачки центри. Соопшти дека оваа година се работи на вкупно 71 научноистражувачки и уметнички проект од разни области, од кои 34 се почнати во минатите години, а 37 се новопредложени. Членовите на МАНУ годинава објавиле 57 трудови во научни и стручни списанија, од кои 15 во меѓународни, а 9 се објавени во списанија со фактор на влијание. Во 2026 МАНУ имала и богата издавачка продукција.
Информираше и за неколку иницијаиви на МАНУ, меѓу кои надлежните институции да направат регистар на археолошки артефакти и предмети кои се изнесени од Македонија и да поведат постапка за нивно враќање. Во пресрет на шеесетгодишниот јубилеј во 2027, МАНУ иницира и реновирање на објектот во кој е смстена, изграден пред 50-ина години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата