НЕ Е СÈ ВО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ - Сиљановска побара јасни правила и крај на билатералните условувања

Vecer | 23.11.2026

НЕ Е СÈ ВО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ - Сиљановска побара јасни правила и крај на билатералните условувања
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување и на нашиот пат кон ЕУ, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања и отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и во самиот процес - се четирите димензии важни за напредокот на државата кон ЕУ, кои ги истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на кој се дебатира за извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.

- Ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да нè поколеба. Нашата цел останува истата - полноправно членство во Европската Унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности, еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги - рече претседателката.

Според неа, мора да сториме нешто сите заедно, и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери, за да излеземе од лавиринтот.

- Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера или нема желба да ја разбере заднината на нашата загриженост. Во оваа смисла сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитет, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија, да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме, да не се надвикуваме оти од високите тонови нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи, да им дадеме простор да се искажат - нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека од ЕУ очекуваме оти „како објективен брокер да стави јасно до знаење преку стриктни правила дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација како за другите така и за нас“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk