Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспекти на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо!, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“, осврнувајќи се на напредокот што го постигнаа земјите-кандидатки за членство во Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија е домаќин на состанокот на кој присуствуваат министрите за надворешни работи на шест земји-членки на Европската Унија и на шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и еврокомесарката за соседство и проширување, Марта Кос, додека пак потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас не дојде во Атина поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија.
На почетокот на пленарната седница, во воведното обраќање, Герапетритис говореше за моментумот што постои на европскиот пат на земјите од регионот, посочувајќи дека потребно е да се одржи, да се искористи, но и дополнително да се зајакне, изрази задоволство што за конкретниот состанок има одзив и интерес, но и ја повтори грчката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, што започна со Солунската агенда од 2003 година.
Темата на сесијата е одржување на моментумот во проширувањето, а шефот на грчката дипломатија посочи дека моментумот веќе постои, што го потврдуваат интензивните тековни дискусии во пресрет на следното проширување, дискусии, како што рече, насочени кон потребните институционални решенија и начините за понатамошна поддршка на европскиот пат на нашите партнери.
– Аристотел рекол – а јас често го повторувам овој цитат, бидејќи многу ми се допаѓа – дека целината е поголема од нејзините делови. Токму така ја опишуваме важноста на проширувањето и за Европската Унија и за партнерите од Западен Балкан. Понекогаш забораваме дека проширувањето е подеднакво важно и за самата Европска Унија, бидејќи тоа ја одразува волјата на народите кои се пред портите на Унијата да станат дел од нашето европско семејство. Пристапувањето на Западен Балкан кон Европската Унија, како што сите препознаваме, претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот, посочи Герапетритис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата