Целосно новиот Кривичен законик, со кој се предвидуваат казни затвор до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување и за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, денеска беше ставен на првата од четирите јавни расправи во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Министерот за правда Јетон Шасивари, во обраќањето истакна дека со подготовката на новиот законски текст државата по речиси три децении отвора значајно поглавје во реформата на правосудството, со цел да се постават темелите на современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем, да се обезбеди посилна правна сигурност и да се зајакне довербата на граѓаните во правосудството.
Потсетувајќи дека постојниот Кривичен законик е донесен во 1996 година, тој посочи оти во изминатите 30 години се појавиле нови форми на организиран и финансиски криминал, корупција, злоупотреби во јавниот сектор и сајбер-криминал, додека бројните измени и посебните закони ја усложниле законската материја.
– Затоа не ни беше потребна уште една парцијална измена или уште едно привремено решение. Ни беше потребен нов и современ Кривичен законик – рече Шасивари.
Тој издвои четири клучни новини во предложениот текст: систематизација и кодификација на кривичните дела во еден законик, модернизација и суштинско усогласување со европските и меѓународните стандарди, унапредување на системот на кривични дела и казни според нивната тежина, како и посебен фокус на борбата против корупцијата и криминалот поврзан со располагањето со јавните средства.
– Граѓаните со право очекуваат државата да има јасен и ефикасен одговор на секоја злоупотреба на јавната функција. Јавната функција не е привилегија. Таа е одговорност. Јавните средства не се ничија лична сопственост. Тие се средства на граѓаните и мора да бидат заштитени – нагласи Шасивари.
Министерот додаде дека пропишаните санкции мора да бидат применливи во практиката.
– Но и најстрогата казна нема значење ако системот не е способен да обезбеди ефикасна постапка, праведно утврдување на одговорноста и законита судска одлука. Затоа нашиот пристап е да изградиме законик што ќе биде функционален и применлив во практиката – додаде министерот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата