logo
logo
logo

ВНИМАНИЕ - КЛОНИРАНИ ПОРТАЛИ! МВР и АНБ разби мрежа за странска пропаганда и лажни вести

Vecer | 01.10.2026

ВНИМАНИЕ - КЛОНИРАНИ ПОРТАЛИ! МВР и АНБ разби мрежа за странска пропаганда и лажни вести

Во голема и координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство, спроведена на 18 септември 2026 година, преземени се сериозни истражни дејствија против македонски државјанин поврзан со странски структури кои раководат со пропаганден апарат насочен против државните интереси.

Според информациите од АНБ, акцијата е резултат на континуирани активности за откривање и попречување на деструктивна мрежа која работи за туѓи, странски интереси со цел да влијае врз јавниот дискурс во земјава.

Истрагата покажала дека вистинските актери на оваа пропагандна мрежа се кријат зад мрежа од клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет-домени. Преку нив се шират лажни вести, оркестрирани дезинформации и се преобликуваат наративите за актуелните настани. Целта на овие активности е директно поткопување на довербата во институциите, поттикнување етничка и национална нетрпеливост, како и попречување на стратешките евроинтегративни процеси на земјата.

Поради основано сомнение за сторени кривични дела – „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ (член 319 од КЗ), „Одавање службена тајна“ (член 360 од КЗ) и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (член 394-г од КЗ) – извршен е претрес во домот на осомничениот. Притоа се пронајдени и одземени предмети кои сега се предмет на вештачење.

Оваа акција претставува директен континуитет на претходно спречените проруски хибридни активности во кои исто така беше инволвиран македонски државјанин поврзан со овие мрежи, за кој веќе беше поднесена кривична пријава.

Од АНБ нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат интензивно да работат на откривање и неутрализирање на субверзивно-пропагандните мрежи кои се надоврзани на регионални проруски политички структури со цел дестабилизација на безбедносниот амбиент.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk