Митовски најавува решение за проблемот со кравите во Крива Паланка: СО ПОДДРШКА ОД ВЛАДАТА, ЖИВОТНИТЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ТРГНАТИ ОД УЛИЦИТЕ ЗА 10 ДЕНА

Vecer | 16.11.2026

Митовски најавува решение за проблемот со кравите во Крива Паланка: СО ПОДДРШКА ОД ВЛАДАТА, ЖИВОТНИТЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ТРГНАТИ ОД УЛИЦИТЕ ЗА 10 ДЕНА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Градоначалникот вели дека не бара пари ниту механизација, туку законски механизам за координација на институциите. Најавува протокол и оперативен план доколку Владата му ги даде потребните овластувања.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, тврди дека проблемот со неконтролираното движење на добитокот низ градот и околните населени места може да биде решен за помалку од 10 работни дена, доколку Владата му ги обезбеди потребните законски овластувања.

Митовски упати повик до Владата да му овозможи да ја преземе организацијата и координацијата на активностите за отстранување на животните од улиците и имотите на граѓаните. Тој нагласува дека не бара финансиска помош, механизација или дополнителни средства од државниот буџет, туку правен механизам со кој ќе може да ги координира сите надлежни институции.

– Сè што барам од вас е да ми дадете законски мандат. Барам правен механизам што ќе ми овозможи да ја преземам организацијата и координацијата на терен, заедно со сите останати надлежни институции – порача Митовски.

Градоначалникот најавува дека ќе подготви протокол и оперативен план, а доколку ги добие бараните овластувања, акцијата би била спроведена за помалку од 10 работни дена.

– Ова понижување на граѓаните на државата мора да заврши. Јас сум подготвен да ја преземам одговорноста и да го водам решавањето на овој проблем до самиот крај – истакна Митовски.

Проблемот со кравите не е од вчера. Според жителите, неконтролираното движење на добитокот трае повеќе од 15 години. Во последните години бројот на животни значително се зголемил, а според процените што ги изнесе градоначалникот, низ општината се движат повеќе од 1.000 грла добиток. Жителите пријавуваат уништени ниви, посеви, дворови и други имоти, а предупредуваат и на опасностите за сообраќајот.

Во февруари годинава жителите на неколку села протестираа пред Општината, барајќи конечно решение. Во меѓувреме, се отвори и спор меѓу локалната власт и Агенцијата за храна и ветеринарство околу тоа кој е надлежен да постапува. Митовски тврдеше дека Општината нема соодветни законски овластувања, додека од АХВ возвратија дека според Законот за јавна чистота, општината има надлежност за контрола на чувањето и напасувањето крупен добиток на јавни површини.

На 9 ноември Митовски побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба и да обезбеди ресурси за организирано заловување, транспорт и згрижување на животните. Тој тогаш посочи дека дел од решенијата за одземање на добитокот, донесени уште во 2024 година, не биле спроведени во целост.

Проблемот во меѓувреме излезе и надвор од границите на Македонија. За кравите во Крива Паланка известуваа американската новинска агенција Асошиејтед прес и Еуроњуз, а приказната ја пренесоа и други странски медиуми. Германскиот портал „t-online“ на 16 ноември објави дека случајот станал тема на медиуми од Америка, Африка, арапскиот свет и Азија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk