Во Кавадарци денеска е пуштен во употреба целосно реконструираниот Градски базен, капитален проект вреден речиси 49 милиони денари. Со реновираниот базен градот добива современ спортско-рекреативен центар наменет за сите генерации.
Од вкупната инвестиција, 30.141.432 денари се обезбедени преку Министерството за спорт, од средствата на Владата на Република Македонија преку вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, додека останатите средства ги обезбеди Општина Кавадарци.
Во рамки на реконструкцијата е обновен целиот базенски комплекс, поставен е нов систем за филтрација и пречистување на водата, реконструирани се големиот и малиот базен, изградени се водни атракции и тобогани, детски водни реквизити, современо детско игралиште, целосно се обновени соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и останатите придружни содржини.

Во Кавадарци е во завршна фаза и изградбата на новиот затворен базен, проект чија реализација Министерството ја доведе до финална фаза по повеќегодишен застој. На ист начин беа завршени и базените во Карпош, во Кисела Вода и во Штип, продолжува изградбата во Струмица, Кичево и Ѓорче Петров, додека технички е завршен и базенот во Битола.
– Овој спортско-рекреативен центар мислам дека има регионално значење и е добар, да не речам, одличен. Од целосно запуштен објект, којшто сведочеше на едно лошо време, денеска гледаме како добива смисла и добива содржина и многу сум среќен што можам да видам како нашите најмлади, дечињата уживаат во ова коешто за нив го правиме во суштина – рече премиерот Христијан Мицкоски.
– Ова не е само реконструкција на еден објект, туку инвестиција во иднината на Кавадарци – во спортот, рекреацијата, туризмот и подобриот квалитет на живот на граѓаните. Градскиот базен повторно ги отвори своите врати и од денес ќе биде место за спорт, рекреација, дружење и создавање нови летни спомени за сите генерации – рече градоначалникот Митко Јанчев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата