Граѓаните кои ги исполниле старосните услови за пензионирање, но во системот им недостасуваат најмногу до две години работен стаж за да го достигнат законскиот минимум од 15 години, наскоро ќе можат сами да ги уплатат придонесите и конечно да остварат право на заслужена пензија. Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, посочувајќи дека новото законско решение веќе се наоѓа во владина процедура.
Според предвидените услови, можноста за откуп на стаж ќе биде наменета исклучиво за лица кои веќе не се активни осигуреници на пазарот на трудот, односно за жени на возраст од над 62 години и мажи над 64 години, кои во моментот на исполнување на старосната граница оствариле најмалку 13 години работен стаж.
– Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62 години за жени и 64 години за мажи, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот, објасни министерот Велковски.
Клучна поволност за овие граѓани е тоа што основицата за пресметка на пензиските придонеси нема да биде целата, туку само половина од просечната плата за претходната година. Практично, со стапката за пензиско осигурување од 19,9 отсто, еден месец стаж ќе ги чини граѓаните околу 4.478 денари. За докуп на цела година ќе бидат потребни околу 53.730 денари, додека максималниот рок од 24 месеци ќе изнесува околу 107.460 денари.
Откако уплатата ќе биде целосно подмирена, крајниот износ на пензијата ќе се пресметува според стандардната законска формула, земајќи ги предвид платите на осигуреникот од периодот кога редовно работно се осигурувал, со што се отвора пат за социјална сигурност на илјадници наши сограѓани кои со години беа заглавени во административен патент.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата