Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, попладнево на прес-конференција потврди дека партијата со владината реконструкција ќе го добие ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство, во замена за Министерството за правда, со кое досега раководеше Игор Филков од ЗНАМ.
На министерската позиција во Земјоделство, како што најави Димитриевски, ќе биде предложен Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова Министерство.
„Движењето ЗНАМ ќе го преземе раководењето со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За министер го предлагаме Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова Министерство. Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Истиот и самиот е земјоделец. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи дипломиран бизнисмен-менаџер и дипломиран дефендолог“, изјави Димитриевски на денешната прес-конференција.
Министерството за јавна администрација и натаму ќе го води Горан Минчев, кој исто така е кадар на ЗНАМ.
„Актуелниот министер за јавна администрација Горан Минчев во изминатите две години покажа дека реформите можат да се реализираат со знаење визија и политичка одговорност“, рече лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски рече дека ЗНАМ во септември ќе добие уште едно заменик-министерско место, во, како што кажа, влијателно министерство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата