Започнува новата фаза од масовниот инфраструктурен замав за заокружување на Коридорот 8 од Деве Баир до Ќафасан. Со денешниот официјален почеток на изградбата на новата автопатска делница од Кичево до Букојчани во должина од 11,5 километри, се спојуваат клучните сообраќајни правци кои наскоро ќе овозможат патување од Скопје до Охрид за помалку од час и половина, и тоа целосно без наплата на патарини.
Ова го нагласи дирекротот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, истакнувајќи дека по две и пол години интензивна работа на терен, конечниот цел систем се заокружува за брзо време.
– „Денес не зборуваме за планови, зборуваме за почеток на изградба на автопат од Кичево до Букојчани, во должина од 11,5 километри. Ова е дел од Коридорот 8, од Деве Баир до Ќафасан. Интензивно работиме веќе 2 и пол години и во 2027 ќе го пуштиме автопатот Кичево – Охрид. Интензивно работиме и на автопатот од Тетово преку Гостивар до Букојчани. Денес почнуваме да го градиме делот што недостасува, а кој ќе ги поврзе овие два автопати. Со тоа ќе добиеме непрекинат автопат од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид. Тоа ќе биде современ автопат на кој нема да има патарини. Се надеваме дека од Скопје до Охрид ќе патуваме за помалку од 1 и пол час“, истакна Трајановски.
Со пуштањето во употреба на овие модерни сообраќајници во текот на 2027 година, граѓаните добиваат брза, сигурна и целосно европска патна врска која децениски се чекаше.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата