Француската влада конечно попушти под притисокот од двонеделните масовни ученички протести кои ја потресоа земјата – премиерот Себастиен Лекорну најави итно ангажирање на повеќе од 3.000 наставници во училиштата кои се соочуваат со драматичен недостиг на кадар.
Итната реакција на државниот врв доаѓа веднаш откако во нов бран демонстрации ширум Франција излегоа дури 71.500 луѓе, барајќи фундаментално подобрување на условите во образованието. Протестите беа одбележани со стотици апсења, тензии и напади врз образовните институции и полициските сили.
Итна интервенција во 114 средни училишта
Според планот што го кроеше министерот за образование Едуар Жефре, првите заменски наставници треба да започнат со работа во 114 средни училишта со најголеми дефицити во периодот од петок па сè до следниот вторник. Дополнително, владата испраќа и стотици членови помошен персонал за стабилизирање на состојбите.
Лекорну вети и дополнителни финансиски средства, најавувајќи дека владата ќе поднесе посебни амандмани на буџетот за 2027 година за трајно решавање на проблемот со замените. И покрај првичното попуштање на власта, страстите во Франција не се смируваат – универзитетските студенти се приклучија на бунтот, а за наредните денови веќе се закажани нови масовни протести.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата