Виенскиот економист, консултант и претседател на Австрискиот комитет за проширување на НАТО, Гинтер Фелингер-Јан, ја објави својата визија за иднината на Македонија. Во објава на платформата Х, тој предложи воведување федерален систем по австриски модел, со осум силни покраини наместо сегашната силна централизација во Скопје.
Според предлогот, секоја покраина би имала сопствен покраински парламент (Landtag), регионална влада и гувернер, со јасно дефинирани надлежности во областите на образованието, културата, регионалниот развој, инфраструктурата и локалната економска политика. Општините би останале силни, додека федералната влада би се фокусирала на надворешната политика, одбраната, макроекономската политика и националните стандарди.
Предложените осум покраини се: Скопје, Полог, Североисток, Запад, Вардар, Исток, Југозапад/Охрид и Пелагонија/Битола.
Фелингер-Јан ја нагласи европската перспектива како клучен дел од својата визија. Тој се залага за членство на Македонија во Европската Унија, воведување на еврото, влез во Шенген-зоната и членство во ОЕЦД – сè до 2029 година.
„Австрија покажува како релативно мала европска земја може да комбинира заедничка држава со силни регионални идентитети и значајна регионална власт. Мојот предлог е да се прилагоди тој федерален принцип на географијата, заедниците и уставните традиции на Македонија.“ – напиша Фелингер-Јан.
Тој ја заокружи својата порака со зборовите:
„8 покраини. Една Македонија. Една европска иднина.“
Предлогот е проследен со визуелна презентација на која се прикажани осумте покраини, заедно со целите за 2029 година: членство во ЕУ, евро, Шенген, ОЕЦД, федерална реформа и стабилност, раст и европски просперитет. Фелингер-Јан, кој се најавува и како кандидат за претседател на Австрија во 2028 година, ја презентира оваа идеја како начин Македонија да ја зајакне својата европска иднина преку децентрализација и силни регионални идентитети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата