Пет мостови и вијадукти, тунел долг 370 метри, две клучки, девет подпатници и четири надпатници се дел од новата автопатска делница Кичево – Букојчани. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска ги претстави техничките карактеристики на проектот, посочувајќи дека станува збор за исклучително сложен инфраструктурен зафат, со предвидена брзина на движење од 110 до 130 километри на час.
Според Николоски, новиот автопат ќе има по две коловозни ленти со ширина од 3,5 метри и по една помошна лента широка 2,75 метри на секоја страна, како и разделно зеленило широко три метри.




„Она што е најтешко, ќе има пет мостови, вијадукти, еден тунел со должина од 370 метри, две клучки, што е исклучително значајно, нешто на што не се внимавало во минатото за да има поврзување, девет подпатници, четири надпатници и шест пропусти“, истакна Николоски.
Тој нагласи дека изградбата на овие објекти ќе претставува сериозен инженерски предизвик за изведувачите, особено поради сложеноста на теренот.
„Сето ова значи една исклучително тешка работа и задача која ќе ја имаат изведувачите“, порача министерот.
Новата делница, долга околу 12 километри, е дел од проектите за целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид и развојот на Коридорот 8.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата