Фемицидот не е неизбежен и може да се спречи, но ниту една земја не е имуна на оваа најекстремна форма на родово базирано насилство, порачаа денеска претставници на ОБСЕ на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа што се одржува во Скопје.
Вишата советничка за родови прашања и шефица на програмата за родови прашања во Секретаријатот на ОБСЕ, Лара Скарпита на отворањето на конференцијата истакна дека фемицидот останува еден од најголемите и најитните предизвици со кои се соочуваат општествата.
‒ Фемицидот исто така го има и во нашиот регион, но да бидеме јасни: ниту една земја не е имуна – рече Скарпита, посочувајќи дека зад секоја статистика стојат жени, семејства и заедници кои се разрушени, но и институционални пропусти во заштитата на жртвите.
Скарпита порача дека и покрај позитивните чекори, законите сами по себе не се доволни и дека се потребни повеќе ресурси за услугите, обуки за институциите и инвестиции во превенцијата.
‒ Фемицидот не е неизбежен, туку може да се спречи и мора да се спречи. Постојат податоци, постојат препораки, но сега ни е потребна политичка волја за да се делува цврсто на терен. Убедена сум дека со она искуство што го имаме денес тука во оваа просторија, можеме навистина да ги премостиме овие јазови и да ги направиме нашите домови, улици и заедници побезбедни за нашите жени и девојчиња – истакна таа.
Според неа, доказите јасно покажуваат дека фемицидот може да се спречи.
‒ Знаеме дека оние држави каде што инвестираат повеќе во системите за рано предупредување и во ефективна заштита, може да се спасат животи. Но, кога нема политичко внимание, жените плаќаат со својот живот – нагласи Скарпита.
Таа оцени дека борбата против родово базираното насилство не е само прашање на човекови права, туку и безбедносно прашање.
‒ Доколку половина од населението не е заштитено во своите домови, на улиците и во заедницата, тогаш тоа е безбедносно прашање за сите нас – рече Скарпита.
Говорејќи за напредокот во регионот, таа ја пофали Македонија за воведувањето на фемицидот во законската рамка и за воспоставувањето на механизмот „Femicide Watch“.
‒ Навистина сакам да ги пофалам властите тука во Македонија, кои направија многу смел чекор за криминализација на фемицидот и за воспоставување на Femicide Watch механизмот – потенцира Скарпита.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал истакна дека конференцијата е дел од пошироките напори за унапредување на родовата еднаквост и спречување на насилството врз жените и девојчињата. Нагласи дека оваа конференција е дел од таа колективна работа и почнува со моќна и едноставна премиса – фемицидот може да се спречи.
Тој посочи дека со поддршка на ОБСЕ е воспоставен механизмот „Femicide Watch“, преку кој досега се разгледани 92 случаи, од кои 43 се класифицирани како фемицид или обид за фемицид.
‒ Веруваме дека овој координиран пристап е неопходен, бидејќи ниту една институција сама нема да има целосна слика за еден случај на фемицид – нагласи Вал.
Според него, искуството покажува дека законодавството е неопходно, но дека неговото влијание зависи од спроведувањето, квалитетните податоци и долгорочната мултисекторска соработка.
‒ Второ, споредливи и веродостојни податоци се неопходни за да се разбере што претходело на овие убиства и каде можела заштитата да биде посилна. Трето, ефективна превенција бара подолга мултисекторска соработка и заедницата одговорност преку почитување на мандатите и независностите на сите институции. Четврто, разгледувањето на доказите и на случаите треба да бидат тема за идните акции — зајакнета пракса во институциите, обезбедување на соодветни ресурси за реформирање на политичките и законските рамки. И на крај, парламентарниот ангажман и надзор. Користењето на функциите за законодавство и буџет, парламентите имаат важна улога за да се осигураат дека законите се спроведуваат, дека има доволно ресурси и дека се применуваат препораките. Иако не е сè совршено во Македонија, верувам дека земјата е на добар пат и сметам дека оваа земја е предводник во регионот – потенцира амбасадорот Вал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата