На Интерпарламентарната конференција на тема „EU Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“ во Тирана, Албанија, делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието оствари билатерална средба со делегација од Комисијата за прашања на ЕУ при Сејмот на Република Полска.
На средбата, потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски разговараше со Јарослав Валенса, шеф на полската парламентарна делегација, и со г. Томаш Глоговски, член на Комисијата за прашања на Европската Унија при полскиот Сејм. На средбата учестувале и Даниела Белимова, член на Комисијата за европски прашања, како и амбасадорот на Македонија во Република Албанија, Веле Трпевски.
Милошоски истакнал дека парламентарната соработка претставува значаен придонес кон натамошното зајакнување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Македонија и Полска. Тој ги запознал полските соговорници со тековните процеси поврзани со евроинтеграциите не земјава, како и со исполнувањето на реформските приоритети во насока на напредокот кон членство во ЕУ.
„Во контекст на одличните билатерални односи меѓу двете земји, Милошоски ја нагласи важноста од продолжување на парламентарниот дијалог и размената на искуства, особено во делот на европските интеграции и реформските процеси. Шефот на полската парламентарна делегација, г. Јарослав Валенса, истакна дека Република Полска е подготвена и понатаму, како и досега, активно и посветено да соработува со Република Северна Македонија и да ја поддржува во процесот на европска интеграција“, соопштија од прес-службата на Собранието.
Валенса посочил дека е запознаен со предизвиците со кои се соочува земјава на патот кон ЕУ, вклучително и со прашањата кои
имаат историски контекст, при што ја истакна подготвеноста за продолжување на отворениот и конструктивен дијалог и парламентарната соработка.
Соговорниците се согласиле дека интензивирањето на парламентарните контакти, размената на искуства и добри практики и заемната поддршка се од особено значење за натамошното унапредување на билатералните односи и европската перспектива
на земјава.
Инаку собраниката делегацијата на Комисијата за европски прашања учествува на Интерпарламентарната конференција „EU
Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“, која се одржува на 28 и 29 септември 2026 година во Тирана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата