Владата треба да дозволи

ПРОЦЕНЕТИ НА 29 МИЛИОНИ ЕВРА: Ќе се продаваат одземените имоти на Груевски и Мијалков

Vecer | 23.02.2025

ПРОЦЕНЕТИ НА 29 МИЛИОНИ ЕВРА: Ќе се продаваат одземените имоти на Груевски и Мијалков
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Одземените имоти на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков во наредниот период ќе бидат ставени на продажба, потврдија за Телма од Агенцијата за управување со одземен имот.

Станува збор за станови, апартмани и градежно земјиште кои на Груевски му беа одземени со правосилни судски одлуки и почетната проценета сума на имотот е речиси осум милиони евра.

„Двата стана на „Бихаќка“ и трите апартмани во „Панорама резиденс“, а, исто така, тука спаѓаат и Плацевите на Водно и тоа конкретно градежното земјиште во КО Центар и во КО Норово за кои почетната цена доставена од Бирото за процени е некаде околу 354 милиони денари“, изјави Ирена Илиевска, директорка на Агенцијата за управување со одземен имот за Телма.

Становите и апартманите се вкупно проценети на 1,9 милиони евра, а останата сума од 5,8 милиони евра е за плацевите на Водно.

Становите кои се наоѓаат на ул. „Бихаќка“ се 65 метри квадратни и 44 метри квадратни.

Груевски, од 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, се наоѓа во Унгарија каде што доби политички азил.

За случајот „Плацеви на Водно“ експремиерот беше осуден на девет години затвор, бидејќи со парите од донации во ВМРО-ДПМНЕ си го купил имотот.

Мијалков призна вина во случајот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството на три години казна затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.

Почетна цена на имотот на Мијалков кој остана непродаден е 21 милиони евра.

„Ќе се продава сето она што остана непродадено, согласно пресудата, меѓу кои се станови, гаражи, апартмани во хотелот „Панорама резиденес“, градежното земјиште во Центар, градежното земјиште во Богородица, деловен простор и некои други објекти. Вкупната проценка за овој имот доставена од Бирото за процени изнесува некаде околу 21 милион евра, која што би била како почетна цена на лицитацијата“, додава Илиевска за Телма.

Инаку лани фирмата „Бест Веј инвестментс“ на Јордан Мијалков за околу 300.000 евра ги купи трите стана и една гаража на Водно кои беа конфискувани во случајот против неговиот татко. Становите беа од 73 и 78 квадрати, а гаражата 30-тина квадратни метри. Според пресметките, овие луксузни станови на Водно, агенцијата ги продала по цена од 1.384 евра за квадрат.

Се очекува државата да инкасира најмалку 29 милиони евра од овие продажби.

Агенцијата за управување со одземен имот најпрво ќе треба да побара дозвола од Владата за продажба на имотот.

Во наредниот период на продажба ќе биде ставен и друг конфискуван имот, како и околу 50 одземени возила.

Извор + видео: Телма

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk