Македонија е подготвена да дозволи бугарски медицински специјалисти да ја посетат земјата и да се запознаат со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михајлова, потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој нагласи дека случајот има два одделни аспекти – судската постапка, во која извршната власт не може да се меша, и здравствената состојба на Михајлова, за која, како што рече, македонските власти покажале подготвеност за соработка, јави БНТ.
„Кога станува збор за случајот со Ива Михајлова, има два аспекти што треба да ги разграничиме. Првиот е поврзан со судската постапка по поднесеното обвинение. Сакам да нагласам дека, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, кога имате систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улогата на извршната власт да се меша во одлуките што ги носат судските органи. Тука мислам на обвинителството и судскиот систем во нашата земја. Одлуката е донесена од судскиот систем и само во рамките на судскиот систем може да се направи што било поврзано со законитоста на притворот, додека судската постапка продолжува. Вториот елемент, за кој прашувате, е поврзан со здравствената состојба на обвинетото лице – Ива Михајлова. Нашиот здравствен систем обезбедува соодветна и современа здравствена заштита за секој граѓанин“, изјави Муцунски пред средбата со бугарската колешка Петрова-Чамова.
Муцунски истакна дека Михајлова има двојно државјанство, македонско и бугарско, и дека, како и секој друг граѓанин кој се соочува со здравствени проблеми, има право на здравствена заштита.
Случајот со Михајлова е поврзан со сообраќајната несреќа во која има загинато едно лице. Таа има двојно државјанство, а во постапката во Македонија е обвинета за кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата