Државната управа не смее да биде збир на одделни и парцијални решенија создавани за потребите на одреден политички момент, туку правно уреден и функционален систем со јасно дефинирани надлежности и одговорност, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната јавна расправа во Собранието за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа. Посочувајќи дека текстот е подготвен преку инклузивен процес со вклучување на експертската јавност и веќе е доставен до надлежните институции и координаторите на пратеничките групи, Минчев нагласи дека целта на законот е да воспостави поцврста нормативна основа за остварување на јавниот интерес и зголемување на отчетноста на институциите.
Според министерот, новото законско решение се темели на четири меѓусебно поврзани системски столбови: воспоставување функционална организација на државната управа, обезбедување институционална стабилност преку воведување периодично петгодишно испитување на функционалноста на државните органи, јасно разграничување меѓу политичката и професионалната одговорност во работењето на институциите, како и зајакнување на правната сигурност. Минчев истакна дека предлогот е усогласен со обврските од Реформската агенда и европските принципи на правната држава, но истовремено е целосно прилагоден на домашните услови и уставниот поредок без механичко пресликување на туѓи модели.
Законското решение сè уште се наоѓа во нацрт-верзија и не е влезено во официјална собраниска процедура, при што Министерството за јавна администрација останува отворено за вградување на сите правно издржани сугестии што ќе произлезат од јавната дебата, а за неговото конечно усвојување во законодавниот дом ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата