Откако силното невреме попладнево предизвика штети во Скопје и во повеќе делови од земјата, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека кон Македонија се приближува нов нестабилен бран.
Според информациите, невремето што во моментов ги зафаќа Албанија и Косово се движи кон нашата земја. Овојпат, според прогнозите, главната опасност не се очекува да биде силниот ветер, туку пообилни поројни врнежи, грмежи и локална појава на град.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да избегнуваат престој на отворено за време на невремето, да не се засолнуваат под осамени дрвја, да ги заштитат возилата доколку е можно и да ги следат известувањата од надлежните институции.
Институциите ги повикуваат граѓаните да не ги блокираат одводните канали и сливници, да ги отстранат предметите од тераси и дворови кои може да бидат однесени од невремето и да пријавуваат опасни ситуации на бројот 112.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата