logo
logo
logo

Од „Балансер“ кон мерит-систем

ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕМА ДА БИДЕ ПРЕДНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ - Министерот Минчев со детали за новиот закон

Vecer | 25.09.2026

ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕМА ДА БИДЕ ПРЕДНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ - Министерот Минчев со детали за новиот закон

Новиот закон за правична застапеност ќе гарантира вработувања исклучиво врз основа на знаење и квалитет, истакна министерот Горан Минчев

Министерот појасни дека откако Уставниот суд го укина „Балансерот“ поради бројни злоупотреби и изигравање на етничкиот идентитет при вработувањето, Владата подготви ново законско решение што го изработија универзитетски професори и експерти по уставно право, а по позитивното мислење од Венецијанската комисија, предлог-законот влезе во собраниска процедура.

Сепак, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.министерот укажа дека процесот во моментов е заглавен во Собранието поради инаетот и блокадите на ДУИ, кои одбиваат да дадат поддршка преку Бадентеровото мнозинство.

„Законот овозможува уставно загарантирана правична застапеност, но не можам да разберам од кои причини е стопиран од ДУИ. Прашањето за правична застапеност мора да биде врз основа на знаење и квалитет.

Додека сум јас министер, етничката припадност нема да има приоритет пред стручноста. Или сите ќе сфатиме дека ни треба квалитетна администрација, или нема да нè биде“ порача Минчев.

Тој презентираше и податоци според кои застапеноста на етничките заедници била дури и повисока во периодите кога вработувањата се одвивале исклучиво преку јавни огласи и тестирања, отколку кога се користеше дигиталната алатка „Балансер“.

Новиот закон предвидува формирање посебно тело во рамки на Агенцијата за администрација, составено од министри и експерти, кое ќе го следи процесот и ќе спречи иидни манипулации.

„За граѓаните не е важно кој ги опслужува на шалтер и од која етничка заедница е, туку да добијат брза, квалитетна и професионална услуга. Паралелно со ова, интензивно работиме и на дигитализацијата преку системот за е-услуги, со цел документи да се вадат брзо и без чекање по шалтери“, рече Минчев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk