Ако ви недостасуваат две години стаж за да се стекнете со услов за пензија наскоро ќе има решение за тоа.
Граѓаните на кои им недостигаат најмногу две години работен стаж за да го исполнат законскиот минимум од 15 години, наскоро би можеле да добијат можност сами да си ги уплатат придонесите за да остварат право на старосна пензија.
Оваа можност ја најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Според предложеното законско решение, оваа опција ќе важи за сите лица кои имаат остварено најмалку 13 години стаж, ја имаат навршено потребната возраст за пензионирање, а во моментот повеќе не се активни осигуреници.
Како ќе се пресметува и уплаќа стажот?
Предвидено е докупувањето на стажот да биде за период од најмногу 24 месеци (две години). Граѓаните самите ќе ги покриваат трошоците за придонесите за месеците што им недостигаат.
Висината на уплатата ќе се одредува според бројот на месеци кои треба да се докупат, при што основицата за пресметка на придонесите ќе изнесува половина од просечната нето-плата исплатена во државата за претходната година.
По комплетирањето на сите уплати, висината на идната старосна пензија ќе се утврдува според редовната законска формула — врз основа на остварениот вкупен пензиски стаж и примањата остварени во текот на работниот век.
Предлог-законот во моментов е во фаза на разгледување во Владата. Доколку ги помине сите владини и парламентарни филтри, со ова решение ќе им се излезе во пресрет на стотици граѓани кои поради мал недостиг на стаж не беа во можност да остварат право на пензиско обезбедување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата